12 МЕХАНИЧКИ ВЕНТИЛАТОРИ И 5000 ЗАШТИТНИ МАСКИ ДОНИРАНИ ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Примени се првите 12 механички вентилатори донирани од Европската Унија кои ќе служат за третман на најкомплексните случаи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во ГОБ 8 Септември во Скопје. ЕУ обезбеди и 5.000 заштитни маски кои се дел од личната заштитна опрема на здравствените работници.
Оваа прва испорака е дел од најавената поддршка од Европската Унија во вредност од 4 милиони евра за владата на Северна Македонија за итна набавка на неопходна медицинска опрема и материјали.

ЕУ ја дава најзначајната меѓународна поддршка која државата ја добива во справување со последиците предизвикани од епидемијата на новиот коронавирус, за што лично му се заблагодарив на евроамбасадорот Жбогар во рамки на последниот телефонски разговор.

Со поддршка на Унијата ќе се набават вкупно 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31.300 тестови и близу 40.000 парчиња разна медицинска опрема како кислородни маски, филтри, катетри и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор. Обезбедените средства, исто така ќе се користат за набавката на заштитна опрема за здравствените работници и тоа 30.000 заштитни маски за лице, 100.000 хируршки маски, 750.000 хируршки ракавици, 20.000 заштитни очила и друга основна заштитна опрема.