ЈП БИЛЈАНИНИ ИЗВОРИ ДОМАЌИН НА ТРИ ФУДБАЛСКИ ТИМА

ЈП Билјанини Извори успешно ја продолжува соработката со Српската агенција Спорт плус од Белград која е специјализирана за организација на спортски турнири и припреми.

После нашето учество на првите Компаниски спортски игри кои се одржаа во Грција минатиот септември и плодните разговори и планови кои ги имавме и зацртавме со агенцијата сведоци сме на уште поголемото интензивирање на соработката помеѓу двата правни субјекти а во интерес на целокупниот развој на спортски туризам во Охрид.

Имено од 02.02. до 02.03. 2020 година Охрид и СРЦ “Билјанини Извори” се домаќини на три фудбалски клубови, ФК Црвена Звезда, ФК Вождовац и ФК Графичар со повеќе од 200 фудбалери генерација 2004 и 2005.

Покрај организираните припреми фудбалските тимови ќе одиграат и неколку подготвителни натпревари со наши генерациски соодветни фудбалски клубови и школи.

СРЦ “Билјанини Извори” во 2020 година во континуитет е домаќин на фудбалските тимови од соседните држави, Р. Србија, Р. Албанија, Р. Бугарија и Р. Косово.

Ако месец јануари беше припремен месец на сениорските фудбалски тимови месец февруари слободно можеме да го именуваме како месец на припреми на фудбалските подмладоци од клубовите од соседните држави.