ЗОШТО САКАМ ДА СТУДИРАМ НА ИНСТИТУТОТ ЗА ИСТОРИЈА?

„Оној кој го контролира минатото ја контролира иднината. Оној кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото“ – Џорџ Орвел, 1984

Спротивно познатата стигма дека околу историјата строго гравитира фактографското помнење клучни личности, настани и години, двата постулати врз кои се темели оваа опшествено – хуманистичка наука се прашањата „зошто?“ и „како?“. Токму нејзината неегзактност во секој од нас своевидно го пробудува Шерлок Холмс кој критички толкувајќи ги историските извори ги согледува нивните недоследности настанати како резултат на социјал – политичките услови карактеристични за епохата во кои истите биле создадени, во обидот да одгатне одредена енигма. И уште повеќе – за да правилно ги разбереме тековните настани, промените и функционирањето на самото општество во кое живееме, клучна улога има проучувањето на минатото со сите негови аспекти бидејќи нашето опкружување и сите случувања околу нас се импликација на процесите кои им претходеле. Студентот за време на предавањата не е пасивен примател на сервираните информации туку истите честопати ги анализира интердисциплинарно, дебатирајќи со своите колеги и професори и на таков начин го проширува видокругот на своите знаења и вештини. Тој не е Времепловецот на Џорџ Велс, а сепак, читајќи патува низ времето и запознава нови светови, животни стилови и култури, развивајќи поголема благодарност за она кое го има во денешницата, бидејќи согласно познатиот афаоризам на Сантајана: „оној кој не го познава минатото е осуден истото да го повторува“.

Јулија Митревска, Студенски колумни